Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски вечерва од 21 часот на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид ќе има тешка задача да ја зачува својата мрежа против Атлетико, но ќе има големи мотиви да го стори тоа.
Летоска, на 28 август, во третото коло на шпанската лига од оваа сезона Рајо дома загуби од Атлетико со неверојатни 0-7. Гриезман во втората минута ја почна голеадата, а продолжија Депај, Молина, Мората (два гола), Кореа, и Љоренте.
Димитриевски сигурно го памети тој меч и не сака да му се повтори, иако вината за дебаклот не е кај него. Столе уште не знае за победа над Атлетико. Рајо последната победа против Јорганџиите ја имаше во февруари 2013 година, многу пред Македонецот да застане меѓу стативите во овој клуб.