Американскиот НФЛ-играч Хенри Ругс го живееше својот сон затоа што го играше спортот што го сака, а за тоа заработуваше милиони долари. Сепак, животот му се промени пред две години, кога една вечер во 3:40 часот наутро направи сообраќајна несреќа со смртни последици.
Трагедијата се случи кога на една од улиците во Лас Вегас, Ругс со својот „шевролет“ удрил директно во „тојота“, која ја управувала 23-годишната Тина Тинтор, и тоа со брзина од 251 километри на час. Од силината на ударот, Тојотата се запалила, а 23-годишната девојка и нејзиното куче останале заробени во уништениот автомобил.
Полицијата подоцна утврдила дека Ругс имал 1,61 промили алкохол во крвта, што е многу повеќе од дозволеното. НФЛ-играчот се соочуваше со затворска казна дури од 50 години, а на крајот беше осуден на 10 години.
Ругс, кој заработуваше милиони на НФЛ-теренот, сега во затворот во Северна Невада работи како канцелариски службеник и заработува 2,5 евра на час. Според пишувањата, доколку Ругс продолжи со примерното однесување, може да излезе од затвор само по три години поминати зад решетки.