За малку ќе беше од готово-вересија: Пелистер ја доби драмата против Хелиос

Пелистер стигна до четвртата победа во АБА 2 лигата, откако во драматичен меч славеше над Хелиос Домжале со 83:81. Со овој триумф, битолчани се искачија на осмото место на табелата, последно кое води во плејофот.

Во најголем дел од мечот се водеше израмнета борба и двете екипи неколку пати се менуваа во водство, но ниту една немаше двоцифрена предност. Во последната резултатот беше 69:69, а потоа битолчани со серија од 8:0 стигна до 77:69. Сепак, тоа не значеше дека ќе има мирна завршница.

Хелиос намали на 79:77, а потоа следуваше завршница со изведувања на слободни фрлања на двете страни. Песлитер водеше со 83:81, а Хелиос во последниот напад шутираше тројка за победа, но тоа беше непрецизен удар, па македонскиот тим се радуваше на победа и тоа втора по ред во регионалното натпреварување.

„Мислам дека одигравме поквалитетно од противникот иако имавме мали проблеми во одредени моменти. Искрено жалам што порано не го решивме прашањето околу победникот. Сепак, јас сум задоволен од тоа што го одигравме. Тимот е во солидна форма и се надевам на уште повеќе успеси во иднина“, рече веднаш по мечот тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ.

Кај Пелистер најефикасен беше Мијовиќ со 18 поени, а одлични беа и Маслинко со 16, Костоски со 15 и Магдевски со 14 поени. Во следното коло, на 4 февруари, Пелистер ќе игра против Сутјеска.

 

- Оглас -

Најнови вести