Кошаркарите и тренерите на најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија денеска стапија во штрајк поради неисплатени плати.
Тимот се наоѓа во серија од шест победи по ред и притоа славеше над екипите кои играат во АБА2-лигата, МЗТ Скопје, Пелистер и ТФТ, но кошаркарите го загубија трпението и бараат управата да најде начин да им ги исплати заостанатите плати, спротивно немаат намера да играат на следниот меч. Според кошаркарите кои испратија соопштение до медиумите, управата им должи 2-3 плати, зависно кој кога пристигнал во тимот од Градски парк.
Соопштението на кошаркарите и стручниот штаб на Работнички ви го пренесуваме во целост:
„Во штрајкот се вклучени играчите, тренерите и сите вработени во Работнички кои предолго чекаа на своите пари. Екипата нема да биде во тренажен процес, а на играчите им се должат по 2-3 плати (зависно од тоа кој кога дојде во клубот) од тековната сезона.
Револтирани сме и од негрижата за тимот бидејќи исто така поради неисплатени плати, во главниот дел од сезоната останавме без кондициски тренер откако си замина Кристијан Кајчевски. Сметаме дека заслуживме подобар однос со досегашните резултати затоа што екипата се наоѓа во серија од шест победи, остваривме триумфи против некои од најголемите ривали за титулата, го победивме МЗТ Скопје првпат по три години и се доближивме дури и до првото место на табелата. Освен тоа, направивме хемија во тимот, гинеме сите за еден и тоа се чувствува во секој сегмент од нашето функционирање.
Ако не бидеме исплатени, екипата нема да отпатува на претстојниот натпревар против Еуро Никел во следното коло од домашното првенство, без оглед на сите консеквенции со кои би се соочиле како клуб“, стои во соопштението.