МЗТ по продолжение ја доби драмата во Кавадарци: Браќата Војдан и Дамјан торпедираа кога беше најпотребно

МЗТ Скопје Аеродром ја доби драмата во дербито против Еуро Никел победувајќи со 99:88, и тоа по до дополнителни пет минути игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци, во меч од 16-тото коло на Првата кошаркарска лига на Македонија. Актуелниот првак со оваа победа ја прекина мини-кризата од два порази и стигна до 13-тиот триумф, по кој се врати на врвот на табелата. Еуро Никел го претрпе четвртиот пораз.

Неизвесно беше во Кавадарци, а двата тима се менуваа во водство. МЗТ водеше со 11:4, но по првите 10 минути, Еуро Никел водеше со 19:17. Највисоката предност кавадарчани ја имаа кога водеа со 30:22, а иако домаќините водеа речиси во текот на цела втора четвртина, гостите на полувреме заминаа со предност од 39:38.

Во третиот квартал беше 50:50, кога МЗТ Скопје Аеродром со низа од 10:0 направија посериозна предност. Еуро Никел не се предаде. Имаше негатива од 77:71 на 40-тина секунди до крајот, но прво со два поени, па потоа едно слободно фрлање и со украдена топка и нови три слободни фрлања, стигна само на еден негатива, 77:78.

МЗТ преку Ворку погоди едно од двете слободни фрлања, па Еуро Никел преку Дубински на 4 секунди до крајот доби две слободни фрлања, кои ги погоди и израмни на 79:79. Делалиќ промаши во последниот напад за победа и мораше да се игра продолжение од пет минути.

Во дополнителните пет минути, браќата Војдан и Дамјан Стојановски постигнаа вкупно пет тројки и МЗТ поведе со 96:84, а Еуро Никел немаше сила за подвиг.

Пелистер победи на гостувањето во Охрид со 85:77. Битолчани уште на почетокот од средбата направија серија од 10:0 кога поведоа со 13:4. Од тој момент, Пелистер постојано имаше контрола на резултатот. Водеа со 30:20, а највисоката предност во првиот дел ја имаа кога водеа со 47:32.

Во второто полувреме фаворитот константно ја одржуваше солидната предност и на крајот стигна до 11-тата победа сезонава, што ги однесе на четвртото место на табелата.

ТФТ Скопје немаше проблем и со 81:70 го победи Кожув. По израмнетите 13:13, ТФТ направи серија од 9:0 за водство од 22:13. Гостите од Гевгелија се вратија и израмнија на 38:38, тогаш тоа како да беше знак за ТФТ повторно да заигра многу подобро, па домаќините за брзо време имаа двоцифрена предност од 53:43. Од тој момент, до крајот, ТФТ во ниту еден момент не му дозволи на противникот да се понадева на изненадување. За ТФТ ова е десетта победа, а Кожув го претрпе 13-тиот пораз.

 

- Оглас -

Најнови вести