Организаторот на Летните олимписки игри во Париз кои ќе се одржат летово денеска ги промовираше медалите кои ќе им се доделуваат кои се направени од „специјален“ материјал, од метали од најпознатиот симбол на градот, Ајфеловата кула.
Дизајнот го направи компанијата „Шоме“, а сите медали, златниот, сребрениот и бронзениот, содржат дел од железо кое некогаш било дел од Ајфеловата кула.
„Направено е многу за овие драгоцени медали – златото, среброто и бронзата – да се поврзат со најдрагоцениот метал од Ајфеловата кула. Тоа што е специфично за медалите за ЛОИ 2024 е спојот, фузијата на легурите, импресивно е да имаме дел од оригиналното железо со кое е направена Ајфеловата кула“, изјави Тони Естанже, претседател на организацискиот комитет на Игрите.
На медалите, оригиналното железо од Ајфеловата кула е исечено во форма на хексагон (шестоаголник).
Ајфеловата кула е изградена помеѓу 1887 и 1889 година за меѓународната изложба „Светски саем посветен на годишнината од Француската револуција“ и досега неколкупати беше реновирана, а токму дел од металите кои беа сочувани сега се користат за изработка на медалите за ЛОИ 2024.