Еуро Никел и Работнички ќе го затворат 17. коло на кошаркарската Прва лига на Македонија со мечот кој треба да се оидгра во Кавадарци од 18 часот. Ова е дерби на колото. Двата тима имаат по 12 победи и четири порази, а победникот ќе се искачи на второто место на табелата, веднаш зад лидерот МЗТ Скопје Аеродром кој има само три порази во досегашниот дел од сезоната.
Еуро Никел со овој меч ја продолжува низата тешки средби, откако прво играше против Пелистер, а потоа и против МЗТ Скопје Аеродром. Интересно е дека кавадарчани во тие два меча мораа да играат продолжение, откако по 40 минути беше нерешено. Славеа на гости во Битола против Пелистер, а загубија дома од актуелниот првак МЗТ.
Работнички е во одлична серија од шест победи по ред, но скопјани ќе треба да одиграат на високо ниво за да ја продолжат низата. Интересна е традицијата кога играат овие два тима, а таа вели дека било неизвесно до самиот финиш. На 12 од последните 14 меѓусебни дуели, победникот немал повеќе од шест поени разлика, а еднаш одиграле и нерешено, па во продолжението Еуро Никел се радувал.
Огромен е коефициентот за вечерва да биде нерешено по 40 минути игра, но традицијата и последните два меча кои го одиграа кавадарчани даваат надеж дека може да направат „хет-трик“ на нерешени.