Пандев за односот на ФФМ кон репрезентацијата: „Сакаа да го сменат Мрме пред ЕП, јас застанав на негова страна“ (Видео)

Најдобриот македонски фудбалер во историјата, но и еден од најзаслужните за пласманот на Европското првенство во 2020 година, Горан Пандев, на телевизиско гостување во емисијата „Еден на еден“ зборуваше за односот на ФФМ кон репрезентацијата, но и за она што се случувало пред историскиот настап на Македонија на Европското првенство.

„Јас застанав на страната на селекторот бидејќи Ангеловски требаше да биде сменет по пласманот на Европското првенство, односно пред настапот на Европското првенство. Ангеловски беше речиси сменет. Јас разговарав тогаш со претседателот и му кажав дека тоа е срамно. Сега да го тргнете човекот не е добро, се руши атмосферата. Мрме направи хемија, ние бевме како една фамилија“, вели Пандев.

Фудбалерот со најмногу настапи и голови за репрезентацијата ги објаснува и причините зошто се повлекол од репрезентацијата, а вели дека токму Игор Ангеловски е најзаслужниот за тоа што се врати повторно да игра за Македонија.

„Јас две-три години не играв за репрезентацијата поради лични проблеми со претседателот и членови на управниот одбор. Тоа е кога немаш почит кон репрезентативецот. За мене репрезентативецот треба да биде светост, не може повеќе да ги почитуваш луѓето од управниот одбор, отколку фудбалерите. Ние во авион секогаш се возевме на последните седиште, се случуваше да не може да дојде еден од масерите за да дојдат 50 луѓе од управниот одбор. Тоа беа недоразбирањата и кажав ако не се променат некои работи, нема да се вратам да играм. Јас не го направив тоа за мене, јас го направив тоа за сите во репрезентацијата. Имавме и лоши и добри резултати, но ние не сме Бразил за да се откажеш толку лесно од некој играчи“, додава Горан Пандев.

- Оглас -

Најнови вести