Актуелниот ракометен шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, го доживеа и 11-тиот пораз оваа сезона на исто толку натпревари во Лигата на шампионите.
Францускиот гигант ПСЖ со целиот плен си замина од спортската сала Боро Чурлевски откако го победи Еурофарм Пелистер со убедливи 25-31. Ракометарите на ПСЖ уште од самиот старт покажаа кој е кој на овој натпревар и од првата до последната секунда го имаа водството во своја корист.
Две серии од по 3-0 во првото полувреме беа доволно за Французите да заминат на паузата со водство од 9-15.
Во второто полувреме шанса за настап добија сите ракометари, а ПСЖ го намали ритамот, па Еурофарм Пелистер може да биде задоволен од резултатот, со оглед на тоа дека второто полувреме резултатски мина израмнето.
Најефикасен на мечот беше полскиот интернационалец во редовите на ПСЖ, Сипжак, со седум погодоци, додека кај Еурофарм Пелистер петмина ракометари постигнаа по три гола.