Роберт Јарни повеќе не е селектор на хрватската репрезентација за играчи до 17 години, објавија од Фудбалската федерација (ХНС). Јарни доби отказ откако од ХНС ја потврди автетичноста на неговата изјава, а тоа е дека ќе навива за Бетис во дуелот против Динамо Загреб, во рамките од нокаут-фазата во Конференциската лига на УЕФА.
Јарни настапуваше за Бетис во периодот од 1995 до 1998 година, а кариерата ја започна во најголемиот ривал на Динамо, Хајдук од Сплит, каде што играше пет сезони, па токму поради тоа решил да навива за шпанскиот тим, а не за хрватскиот првак.
„Па не знам за кого ќе навивам. Сепак, Бетис е мој клуб, таму поминав три прекрасни години, а во Динамо немам играно никогаш. Не знам кој би можело да ми забележи, сепак јас сум хајдуковец во срце“, е изјавата која Јарни ја дал за „Вјечерни лист“.
Оваа изјава на Јарни беше доволно да добие отказ, а од ХНС упатија соопштение во кое ја објаснија својата одлука.
„Со едногласна одлука на Извршниот одбор на Хрватскиот фудбалски сојуз, Роберт Јарни е разрешен од должноста селектор на хрватската репрезентација до 17 години по непримерните изјави дадени во медиумите. Извршниот одбор на ХНС го поддржува правото на секој поединец, вклучително и на секој фудбалер – вклучувајќи ги и репрезентативците – да поддржува кој клуб сака, дури и против хрватските клубови во Европа, иако таквото размислување не се смета за пожелно. Селекторите на хрватските селекции имаат јасна задача да промовираат заедништво, соработка, почит и меѓусебна доверба меѓу сите хрватски клубови, така што ХНС смета дека ваквата одлука е единствена правилна за да се заштити единството на хрватското фудбалско семејство“, се вели во дел од соопштението на Хрватската федерација.
Со реакција се јави и играчот на Динамо и актуелен хрватски репрезентативец, Бруно Петковиќ.
„Навистина така рекол? Ако тоа го кажал, ако тоа го мисли, тогаш тој е кловн. Луѓето кои ја преставуваат хрватската држава, а не навиваат за хрватски клубови се обични кловнови“, луто реагираше Петковиќ.