Македонската кошаркарска федерација преку соопштение за јавноста даде свое видување на целата ситуација која денеска се случува поврзана со Куп натпреварите во Битола. КФСМ реши да ја додели организацијата на КК Пелистер, клуб кој денеска преку соопштение наведе низа причини поради кои не можеле да се организираат за да пречекаат две навивачки групи од Скопје, тие на МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.
Од Пелистер се пожалија дека немале доволно време за да најдат доволно луѓе за обезбедување на мечот, не бил направен план за евакуација, немало време кога да се демонтираат столчињата во салата…, па прашање е како ги увериле челниците на КФСМ дека може да бидат добри организатори на Купот? КФСМ секако ја има одговорноста за тоа на кого го доверува организирањето на завршницата на Купот, на кој и самиот има техничка поддршка со делегирање на судии, делегати…
КФСМ вечерва преку соопштение лиферувано додека траеше дуелот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, меѓу другото напишано, намерно или ненамерно, уште еднаш цитираа член од Правилникот за натпреварувањата во кошаркарскиот Куп на РСМ, „Благоја Георгиевски Буштур“,според кој јасно е толкувањето дека навивачите на МЗТ Скопје Аеродром и во утрешното финале нема да смее да патуваат во Битола!
Членот по кој се повикуваат од КФСМ вели:
„Гостинскиот клуб кој учествува на кошаркарскиот натпревар должен е: Да ја извести КФСМ и клубот организатор на натпреварот за организираното доаѓање на неговите навивачи, најдоцна 72 часа пред почетокот на кошаркарскиот натпревар;
Во соопштението прецизно е наведено и тоа дека навивачката група на МЗТ Скопје Аеродром нешто пред полноќ (на 15.02.2024г.), телефонски го известиле организаторот за нивно присуство на полуфиналето“.
Ако се знае дека тоа телефонско известување било пред неполни 24 часа, јасно е дека до утре вечер нема да поминат законските 72 часа за најава на гостински навивачи, па од КФСМ уште сега преку соопштение им порачаа на фановите на МЗТ воопшто да не помислуваат да патуваат во Битола за финалето. Според овој член, сите навивачки групи на екипите кои беа дел од Купот, уште пред да започнат четвртфиналите дуели, требало да најават дека ќе пристигнат за финалето. Колку е тоа банално, да најават дека ќе пристигнат на финалето, а нивниот тим треба да игра четвртфинале и полуфинале претходно и може да испадне.
Во продолжение може да го прочитате комплетното соопштение од КФСМ упатено до јавноста.