Статистиката вели дека Леверкузен 100 проценти ќе биде шампион на Германија

На Баерн Минхен ќе му треба чудо какво што досега не е видено во Бундеслигата за да може и оваа сезона ја освои шампионската титула.

Бројките велат дека Баер Леверкузен 100 отсто ќе биде новиот шампион.

Историјата вели: кој имал најмалку осум бода предност по 22 кола, секогаш на крајот славел шампионска титула. Статистика која никој во Минхен не сака да ја слушне, а навивачите на Леверкузен конечно можат да размислуваат за остварување на сонот.

Тимот на тренерот Чаби Алонсо не знае за пораз сезонава, го победи и директниот ривал Баерн со 3-0 и сигурно чекори кон прва титула.

Доколку Баерн сепак го престигне Леверкузен, тоа би било најголемото враќање во историјата на Бундеслигата. Во сезоната 1971/72, Баерн го оствари најголемиот камбек: по 22 меча заостануваше седум бода (според правилото за три бода за победа) зад Шалке 04 и стана шампион.

Но, осум бода предност секогаш значеа шампионска титула! Алонсо постојано нагласува дека титулите се доделуваат во мај, но ако Баер продолжи да игра како досега, можеби првата титула ќе ја освои уште во април.

- Оглас -

Најнови вести