Јончевски: „Мечот со Естонија во Скопје веројатно ќе одлучи за пласман на Евробаскетот“

Македонската сениорска репрезентација вечерва во СРЦ „Кале“ ги започна подготовките за престојните квалификациите за Евробаскетот, кој ќе се одржи во 2025 година.

„Црвено-жолтите“ квалификациите ги започнуваат на домашен терен. На 23 февруари (петок) со почеток од 19 часот го играме премиерниот меч од групата „Х“, во кој за противник ја имаме селекцијата на Естонија, а три дена подоцна нашите најдобри кошаркари ги очекува и средбата против Полска, во градот Сосновиец.

Предводникот на нашиот национален тим, Алекандар Јончевски, непосредно пред првиот тренинг во салата на СРЦ „Кале“, селекторот Александар Јончевски ги подели со новинарските екипи своите размислувања пред стартот на квалификациската трка.

„Четири екипи, од кои само една нема да оди понатаму. Ако направиме математика дека Полска како домаќин сигурно оди понатаму, а дека Литванија децении нема пропуштено Европско првенство, шансата ни преостанува со Естонија. Првиот натпревар е на домашен терен и тој е најбитниот натпревар без разлика на циклусот кој трае цела година. Овој натпревар ќе реши многу работи за понатамошниот настап“,  рече Јончевски.

Естонците во Скопје доаѓаат со голем број интернационалци кои настапуваат во најсилните европски кошаркарски првенства, а двајца од нив и во Евролигата.

„Без разлика што и да се случи, нема да биде порелаксирано и понатаму. Доколку ме прашате мене, каков било триумф е задоволителен бидејќи се работи за една репрезентација која е во подем и којашто има сè повеќе интернационалци во својот состав. Можеби оваа година и бројот на овие играчи е најголем, тие имаат девет интернационалци кои настапуваат во силните европски лиги. Тоа е репрезентација која можеби ќе атакува и на многу повисок пласман отколку само настап на Европско првенство. Како и да е, имаме свои адути, играме на домашен терен и верувам дека атмосферата којашто ќе биде направена во „Кале“ ќе биде на едно задоволително ниво. Играчите ќе дадат максимум и тоа ќе биде мотив плус и шанса за позитивен исход“, додава селекторот.

Хап му се приклучува на тимот во вторник, на утринскиот тренинг

За разлика од претквалификациите, каде што клучен дел од нашиот репрезентативен тим беше натурализираниот Ти Џеј Шортс, овојпат селекторот Александар Јончевски се одлучи за промена на „странската“ позиција во тимот.

„Црвено-жолтиот“ дрес ќе го облече Итан Хап, 27-годишниот центар на Гран Канарија кој во текот на утрешниот ден ќе се приклучи на подготовките.

„Ти Џеј Шортс нема да биде во овој прозорец. Не сме се откажале од него, тој беше еден од најзаслужните за претквалификациите, но затоа што сме дефицитарни на високите позиции без Симиќ и Младеновски, од кои едниот целосно се откажа од кошарка, а другиот три месеци не беше во тренажен процес ,бевме принудени да се одлучиме за Хап, кој и претходно доби државјанство. Тоа е повеќе стратешка отколку изнудена одлука, дополни селекторот пред првиот собир на репрезентативците и февруарскиот ФИБА „прозорец“.

- Оглас -

Најнови вести