За таканаречената лажната деветка, центарфор кој всушност не е класичен напаѓач и „се губи“ во средниот ред, сите знаат, тоа е позиција што ја промовираше Пеп Гвардиола пред 15 години во Барселона, таа улога со години беше негово смртоносно оружје, а сезонава во Премиер лигата има револуција со еден друг тип играч кој се движи меѓу две позиции.
Хибридна позиција 8,5 ја нарекоа во Англија. За што всушност се работи?
Оваа позиција е нешто помеѓу центарфор и играч во средината во формација 4-3-3. Сите тројца кандидати за титулата промовираа еден таков играч оваа сезона – кај Пеп Гвардиола во Манчестер сити тоа е Хулијан Алварес, Јирген Клоп во Ливерпул на таа позиција го користи Коди Гакпо, додека Микел Артета во Арсенал оваа улога му ја довери на Кај Хаверц.
Прв започна Клоп, кој веќе во првото коло против Челзи го искористи холандскиот фудбалер како лев од тројцата играчи од средниот ред. Потоа Гакпо играше и како класичен напаѓач, а третина од минутите ги мина на средината на теренот, третина како деветка и третина на клупата.
Но, секогаш кога беше на теренот, покажуваше колку е сестран фудбалер. Така е и со Хаверц, кој беше претежно лев среден бек за Топчиите.
Легендарните „десетки“, мајстори ослободени од обврските во одбраната, полека изумираат. А, со оглед на тоа што тројцата претенденти за титулата во Англија генерално користат 4-3-3 или 4-2-3-1, никој во Сити, Ливерпул и Арсенал не игра како „број 10“.