Во осминафиналето во Лигата на Европа нема да има некое големо дерби, главните фаворити за трофејот се избегнаа меѓу себе, но ќе има неколку интересни дуели како оној на трофејните Бенфика и Ренџерс.
Двојките за осминафиналето се: Спарта Прага – Ливерпул, Марсеј – Вилјареал, Рома – Брајтон, Бенфика – Ренџерс, Фрајбург – Вест хем, Спортинг Лисабон – Аталанта, Милан – Славија Прага и Карабах – Баер Леверкузен.
Може да се каже дека најдобро минаа Росонерите од Милано, кои беа извлечени при крајот и можни ривали им беа само Славија и сезонава моќниот Леверкузен, а го добија чешкиот тим, што е многу поприфатлива варијанта за нив, додека Фармацевтите ќе одат во Азербејџан кај Карабах. Ливерпул, како и Милан, доби ривал од Прага, а интересно може да биде на италијанско-англискиот дуел Рома – Брајтон.