Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Јончевски, после мечот со Естонија беше задоволен од пристапот на играчите, и жали што не ја израдувале публиката во преполната сала Кале.
„Го контролиравме мечот во првото полувреме, но на почетокот на третата четвртина тие заиграа поагресивно, имаа доста офанзивни скокови и се случи пресвртот. Им реков на момците дека дадоа енергија, добро реагираа на овој тежок меч, не беше како на претходниот дуел со Естонија кој го загубивме со голема разлика. Пораз од пет поени разлика ни дава надеж дека уште имаме шанса да се пласираме на ЕП. Искрено жалам што оваа публика не доживеа позитивен крај. Ме радува што салата беше полна, имаше многу млади гледачи, видов деца на претшколска возраст“, рече Јончевски.
„Итан Хап беше непознат играч за нашата јавност, а тој веќе две години има македонско државјанство. Знаевме дека е одличен, скромен играч, без специјални барања, се согласи да помогне, во зависност од потребите, ќе ги користиме двајцата натурализирано кои добро се вклопуваат. Димитријевиќ е вонсериски талент за нас и треба да го почитуваме тоа. Изгледаше дека кога тој и Хап одмораа, имавме проблем, а и Војдан беше со повреда, но стисна заби“, додаде Јончевски.