Атлетико Мадрид одигра разочарувачки на гостувањето кај Алмерија и одигра само 2:2 во меч од шпанското првенство. За гостите ова реми е како пораз, ако се знае дека играа против најслабиот тим во лигата. Алмерија е единствениот тим не само во Шпанија, туку и во Топ 5 лигите во Европа без ниту една победа сезонава.
Гостите од Мадрид два пати водеа, но Алмерија успеваше да возврати, па сега Атлетико има 10 бода помалку од лидерот Реал Мадрид, кој има и еден меч плус за играње. По завршување на дуелот со Алмерија, тренерот на Атлетико, Диего Симеоне беше самокритичен.
„Направивме сѐ што можеме за да победиме. Имавме шанси, но не успеавме. Секогаш треба да играме 100 отсто од можностите. Започнавме добро, но потоа пропуштивме неколку шанси. Не бевме на потребното ниво во одбраната и два пати дозволивме да ни израмнат“, вели Симеоне.
Атлетико сезонава на гостински терен во 13 меча има само четири победи и само 15 освоени бодови.
„Зошто има толку голема разлика во резултатите кога играме дома и на гости? Затоа што тренерот не го подготвил добро тимот за гостувањата. немам друго објаснување. Загубивме многу бодови на гостински терен и одговорноста е моја“, потенцира Симеоне.