Минатото лето како бомба одекна информацијата дека хрватскиот третолигаш Кустошија ѝ продаде фудбалер на Барселона за пет милиони евра. Сенегалецот Микај Фаје тогаш беше наречен „чудото од Кустошија“, но тој со своите игри за втората екипа на Барселона само потврди дека станува збор за одличен фудбалер.
Каталонците веќе имаат понуди за него од Арсенал и Борусија Дортмунд, а француските екипи Ница и Лил во него гледаат фудбалер кој стандардно ќе игра за првата екипа. Сите овие екипи му нудат многу поголема плата од таа што ја има во Барселона, но сепак Каталонците се тие кои се прашуваат за неговиот трансфер и би го продале само на екипа која ќе понуди минимум 20 милиони евра. Од овој евентуален трансфер ќе заработи и Кустошија, бидејќи има 20% од следниот трансфер на Фаје.