Македонската кошаркарска репрезентација со половичен успех ги заврши првите два меча од квалификациите за пласман на ЕП 2025 година. По поразот на домашен терен од Естонија, Македонија синоќа убедливо ја победи Полска, и тоа на гостински терен.
Стојан Ѓуроски беше еден од најдобрите поединци во нашата селекција со 17 поени и одличен процент на реализација (3/5 за три, 3/4 за два и 2/3 за еден поен), плус и две освоени топки и два скока.
„Влеговме максимално мотивирано во натпреварот. Знаевме од какво значење е за нас. И тоа дефинитивно ни се исплатеше. На нивната игра одговоривме со една многу поголема агресивност. Мислам дека можеби малку и нè потценија. Се одлучивме по малку и да ризикуваме со нивниот шут од далечина, во прв ред на Балцеровски, и тоа на крајот и се исплатеше.
Сепак, сметам дека енергијата беше клучен фактор за победата на овој натпревар. Погодивме доста шутеви од далечина. И дека поголем дел од репрезентативците одиграа феноменално. Нено нè предводеше, и не само што погоди доста и комплетира висока бројка на поени, туку нè разигра и нас останатите. И мислам дека на крилјата на оваа победа треба да продолжиме да се надградуваме како тим. Можеби лош момент е победата на Естонија против Литванија. Меѓутоа тоа не значи ништо за нас. Следна на ред ни е репрезентацијата на Литванија, за која лично сметам дека можеме да ја победиме во Скопје. Има уште многу да се игра во овие квалификации и ќе се потрудиме да победиме на што повеќе натпревари. Ова во Полска беше само првиот“, вели Ѓуроски по победата над Полска.