Европското првенство во фудбал во 2024 година ќе се игра во Германија. Ова го објави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. Германците важеа за фаворити и првпат по обединувањето, ќе бидат домаќини на ЕП. Западна Германија го организираше шампионатот во 1988 година, а во 2020 ќе биде една од 12-те земји-домаќини.
УЕФА реши да не прифаќа заеднички кандидатури, па само Германија и Турција се пријавија и ги минаа филтрите. Минус за Турците беше лимитираниот хотелски капацитет во некои градови и немањето акциски план на полето на човековите права.
Одлуката ја донесоа 17 члена на Извршниот комитет на УЕФА во Нион.
Амбасадор на настанот ќе биде довчерашниот фудбалер Филип Лам, а ако Германија загубеше, претседателот на тамошната Фудбалска федерација, Рајнхард Гриндел, ќе си дадеше оставка.
Германија е сместена во срцето на Европа и делуваше како посигурна и побезбедна варијанта од Турција. Градовите се поврзани со автопатишта, а само три аеродроми, во Дортмунд, Лајпциг и Гелзенкирхен, се малку под бараните стандарди. Хотелите во речиси сите градови имаат огромни капацитети, а таму каде што е проблем, како во Дортмунд, ќе се градат привремени кампови.
ЕП 2024 ќе се игра на десет стадиони и на ниту еден од нив не му треба посериозно реновирање, бидејќи тие објекти се направени за Светското првенство 2006 година. Градови-домаќини ќе бидат: Берлин, Келн, Дортмунд, Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Лајпциг, Минхен и Штутгарт. Стадионите може за првенството да соберат вкупно 2,78 милиони гледачи.
Во Берлин и Диселдорф има фан-зони кои собраат по 100.000 луѓе, а останатите од 33 до 80 илјади. И според сумите за ТВ-правата, Германија е многу пред Турција.
Неверојатна е коинциденцијата што токму денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е во Германија, на средба со канцеларката Ангела Меркел. Во Германија има голем број Турци, а примерот со Месут Озил, кој беше обвинет дека не го дава максимумот за Германија бидејќи повеќе ја сака земјата на неговите родители, само го засилува ривалството.