Ракометарите на Еурофарм Пелистер го доживеаја 13-тиот пораз во 13-тиот натпревар од групата А во Лигата на шампионите и со пораз се простија од своите навивачи.
Пелистерци вечерва со 28:33 загубија од Алборг во салата „Боро Чурлески“ и се единствен тим од групата А кои немаат ниту еден освоен бод, додека во групата Б идентичен учинок има словенчкиот тим Целје.
Алборг со победата остана на второто место на табелата и во последното коло од групната фаза кое ќе се игра на шести март, ќе го пречека Кјелце, додека Е. Пелистер настапот во ЛШ ќе го заврши со гостувањето кај Колштад.
Битолчани вечерва само на почетокот имаа водство, во седмата и осмата минута (4:3 и 5:4), а во останатиот дел од мечот, контролата врз резултатот ја имаше данскиот тим. Алборг на одмор замина со плус три (14:17), а на стартот од вториот дел со серијата 0:3 ги урна сите надежи на битолчани дека ќе успеат да приредат изненадување.
До крајот на мечот, ракометарите на Алборг рутински ја одржуваа предноста и славеа со 28:33.
Најдобар кај Е. Пелистер беше Филип Кузмановски со девет постигнати гола, шест даде Урош Борзаш, додека кај Алборг, Бјорнсен и Бартхолд дадоа по пет гола, додека Микел Хансен постигна три гола.