Најголемиот клуб на светот слави роденден, Лајпциг ќе проба да ја расипе забавата во Мадрид

На 6 март 1902 година е формиран фудбалскиот клуб Реал Мадрид. Кралскиот клуб денеска наполни 122 години од своето постоење и има задача вечерва да победи или да ремизира против Лајпциг, со што би се пласирал во четвртфиналето во Лигата на шампионите и би се зачинила роденденската прослава.

Реал Мадрид е репер во светскиот спорт со своите 25 европски титули (14 во фудбал и 11 во кошарка) и беше избран од ФИФА за најдобар клуб во 20 век.

Фудбалскиот клуб Реал Мадрид има 14 европски титули, 8 светски клупски првенства, 5 европски суперкупови, 2 Купа на УЕФА (денешната Лига на Европа), 35 титули во шпанската лига, 20 купови на Шпанија, 13 шпански Суперкупови и други трофеи.

Освен тоа, има огромен број навивачи низ целиот свет, има супер модерен стадион и сето тоа го прави спортски гигант во вистинска смисла на зборот.

Фановите на Реал се присетуваат дека на 100-тиот роденден, кога тимот играше меч од финалето на Купот на Шпанија против Депортиво Ла Коруња, беа шокирани на „Сантијаго Бернабеу“, па затоа ќе бидат претпазливи пред вечерашната пресметка со Лајпциг, во која Реал е фаворит на хартија, но и Елиф Елмас и другарите никако не може да бидат отпишани однапред.

- Оглас -

Најнови вести