Реал Мадрид и Лајпциг играат без голови по првото полувреме на „Сантијаго Бернабеу“ во реванш-мечот од осминафиналето во Лигата на шампионите. Ова реми му одговара на Кралскиот клуб, кој победи со 1:0 на првиот дуел на гости во Германија.
Сепак, Лајпциг во првите 45 минути во Мадрид покажа дека не се откажува од идејата да го изненади најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите. Гостите имаа неколку добри шанси, но не успеаја да се израдуваат на погодок.
Навивачите на Реал Мадрид во неколку ситуации, а и на крајот од првиот дел негодуваа поради начинот на којшто играа нивните миленици.
За разлика од Мадрид, гол-шоу има во Манчестер, каде што домашниот Сити води со 3:1 против Копенхаген. Граѓаните започнаа фуриозно и постигнаа два гола во првите 10 минути. Аканџи донесе радост за 1:0, а потоа погоди и Алварес. Гостите од Данска намалија на 1:2 со погодокот на Елиунуси. Во последните моменти од првиот дел погоди и Ерлинг Халанд за 3:1, што е ист резултат со кој Сити победи на гостувањето во Копенхаген на првиот дуел.