Македонските одбојкари ќе се борат со Грција за место на ЕП!

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја доби Грција за противник и во машка и во женска конкуренција во квалификациите на патот до Европските првенства во 2026 година.

ЦЕВ групите ги формираше според рејтингот, немаше ждрепка.

Мажите ќе играат и со Грузија за четврти континентален настап едноподруго. Според правилата, пласман на ЕП ќе обезбедат најдобрите седум првопласирани репрезентации и петте најдобро второпласирани од седумте групи.

Натпреварите во квалификациите стартуваат во август оваа година кога ќе се одиграат по два меча, додека во август 2025 година ќе се одиграат преостанатите три кола.

Одбојкарите ќе почнат на гостување против Грузија на 17-ти или 18-ти август, а на 24-ти или на 25-ти ќе ја пречекаат Грција. Следната година ќе одиме кај јужниот сосед на 13-ти август по што на 16-ти или на 17-ти ќе и бидеме домаќин на Грузија.

Нашите одбојкари имаат шанса да го продолжат учеството на големата евросцена, иако со Грција немаме позитивен биланс, а со Грузија забележавме победа во претквалификациите во Струмица пред точно десет години.

Дамите квалификациите ќе ги почнат на свој терен со Австрија на 17-ти и на 18-ти август, а на 28-ми или на 29-ти ќе играат во Грција. Натпреварот со Гркинките дома ќе биде на 2-ри или на 3-ти август 2025-та, а една недела подоцна против Австрија на гости.

 

- Оглас -

Најнови вести