Македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас, во минатото коло против Дармштад првпат беше меѓу стартерите на Лајпциг, но морал да биде заменет по првото полувреме поради мала вртоглавица и главоболка.
„Се чувствувам добро, можев да тренирам со тимот и подготвен сум за натпреварот во Келн. Првпат играм против Келн. Добро го анализиравме противникот. Очекувам тежок натпревар, секој натпревар во Бундеслигата е тежок. Мораме да дадеме сè, сакаме да победиме пред репрезентативната пауза“, вели Елмас во интервју за официјалниот вебсајт на РБ Лајпциг.
Дијамантот го прашаа и за животот во Лајпциг, каде е веќе трети месец.
„Клубот е едноставно фантастичен, веднаш се почувствував удобно. Сите се неверојатно добри кон мене и ми го олеснуваат прилагодувањето. И јас сè повеќе го запознавам градот, иако сè уште живеам во хотел. Јас сум љубител на помалите градови. Сè е многу блиску едно до друго, можете брзо да стигнете секаде. Лајпциг е неверојатно чист и зелен, на моето куче му се допаѓа овде“, раскажува Елиф.