Фудбалерите на Манчестер јунајтед се последните патници во полуфиналето на англискиот ФА куп, откако дури после продолженијата од двапати по 15 минути го елиминираа големиот ривал Ливерпул со 4-3.
Домашните одлично го отворија натпреварот и уште во 10-тата минута дојдоа во водство од 1-0 преку Мектоминај. Сепак, Ливерпул со пеколен финиш на првото полувреме дојде до комплетен пресврт со головите на Мекалистер во 44-тата и на Салах во втората минута од судиското продолжение.
Конечните 2-2 во регуларните 90 минути ги постави Ентони во 87-мата минута, откако со одмерен удар погоди во аголот од голот на Ливерпул.
Во 105-тата минута, односно во последната од првото продолжение, Ливерпул се врати во водство преку Елиот.
Сепак, последните 15 минути од мечот беа пеколни и домашните со два погодоци дојдоа до голема победа над ривалот од Енфилд. Најпрво Маркус Рашфорд во 112-тата минута израмни на 3-3, а Амад Диало во 121-вата минута донесе голема радост и пласман во полуфиналето за Манчестер јунајтед.
Манчестер јунајтед со победата над големиот ривал им се придружи на Ковентри, Манчестер сити и Челзи во полуфиналето на најстарото клупско натпреварување во светот.