Доминираат веќе една деценија, а и сезонава ситуацијата не е променета. Лионел Меси и Кристијано Роналдо се најпродуктивните фудбалери во топ 5 лигите. Според статистиката направена од францускиот „Л’Екип“, Меси е најдобар кога ќе се соберат бројот на постигнати голови и асистенции во домашните првенства.
Капитенот на Барселона е лидер во Примера дивисион со 22 погодоци, а има и 10 асистенции, што значи дека директно учествувал во вкупно 32 гола. Роналдо има и помалку голови и помалку асистенции. Португалецот во дресот на Јувентус засега има 19 гола и осум асистенции, за вкупна бројка од 27 на листата на „Л’Екип“.
Зад двајцата најдобри, следува играчот од кого се очекува да доминира во следните 10-тина години, Килијан Мбапе. Напаѓачот на Пари Сен Жермен има 19 голови и шест асистенции. На делба на четвртото место се Никола Пепе од Лил и ѕвездата на Ливерпул Мохамед Салах. Пепе има 16 голови и осум асистенции, а Салах е со 17 голови и 7 асистенции.