Кошаркарите на ТФТ го доживеаја десеттиот пораз во претпоследното 12-то коло од регуларниот дел во АБА2-лигата. ТФТ вечерва загуби со 72:50 од Војводина, која се искачи на второто место, додека третиот македонски тим во АБА2-лигата останува на претпоследната 13-та позиција на табелата.
Избраниците на Боро Смилковски ќе имаат добра шанса настапот да го завршат со победа бидејќи во последното коло в сабота ќе играат против последнопласираната Шибенка, која има само една победа.
Во дуелот со Војводина сè беше решено во втората четвртина, која српскиот тим ја доби со 18:8 и на одмор замина со плус 15 (42:27). И во третата четвртина ТФТ постигна едноцифрен број поени, само седум.
Единствен играч кај ТФТ кој постигна двоцифрен број на поени беше Верц, кој даде 10 поени, а најпрецизен на мечот беше Џонсон со 17 поени и 10 скока.