Фудбалската репрезентација на Македонија е далеку од историскиот успех кој го направи минатиот циклус и пласманот на Европското првенство во 2020 година (2021). Тогаш сред Тбилиси ја совладавме Грузија со голот на Горан Пандев, а токму таа Грузија вечерва ја победи Грција на пенали на истиот стадион во Тбилиси и обезбеди историски пласман на континенталниот собир.
Селекторот на таа генерација која направи историски успех, Игор Ангеловски, со објава на социјалните мрежи им го честиташе големиот успех на Грузијците, но и се запраша каде е сега Македонија после тој голем успех.
„Грузија вечерва заслужено слави. Ја победи Грција и испиша историја. Пласман на ЕВРО 2024 година, откако во минатото финале на Лигата на нации загуби од Македонија. Честитки. Но, каде сме ние по историскиот пласман на ЕВРО 2020. Наместо да се бориме секој нареден циклус на квалификации да го подобруваме нашиот учинок, го уништивме она што вреди носени од мотивите за личен профит и луѓе без капацитет на водечките позиции во ФФМ и на позицијата селектор на А репрезентацијам кои со својата нестручност успеаја да ја растурат најдобрата генерација во историјата на Македонија која бележела резултати и за тоа треба да им се ‘честита’. Со тоа се прокоцка шансата за пласман на Светско првенство, каде што 50% од работата им беше завршена. Сега слушаме изјави од селекторот кои ме загрижуваат бидејќи да изјавиш такво нешто треба да си надвор од мисловна активност или да бараш оправдување за сопствената немоќ. Резултатот е нешто што не можеш да смениш. Неинтелегентниот човек невозможно е да го поразиш со аргументи“, пишува во објавата на поранешниот селектор, Игор Ангеловски, на социјалните мрежи.