Поранешниот сопственик на Портсмут, Лестер, Шефилд, Ница, Шарлроа и љубљанска Олимпија, Милан Мандариќ, влезе во раководните структури на Војдодина од Нови Сад како нејзин потпретседател, а со тоа започнува и нова ера за клубот.
Амбициите уште од стартот пораснаа со влезот на еден од најпознатите српски бизнисмени, кој со 85 години сè уште е активен во фудбалот, но овој пат се враќа во своето родно место.
Од Војводина најавуваат најпрво атак на местата коишто водат во Европа, а потоа и на трофеите во Србија, а како прво засилување имаат желба да го доведат Душан Тадиќ, фудбалерот кој во моментов настапува за Фенербахче, а пред 18 години ја напушти Војводина за да потпише за Гронинген.
Планот на раководството е околу Тадиќ да се создаде една квалитетна екипа, а изборот падна на него бидејќи потекнува од градот Бачка Топола во Војводина. Ваквите вести како бомба одекнаа во српскиот фудбал, па останува да се види дали и „црвено-белите“ од Нови Сад ќе им се приклучат на вечните ривали во борбата за трофеите во српскиот фудбал.
Војводина има два трофеи шампион на поранешна Југославија, а по распадот на поранешната држава, двапати го освои Купот на Србија.