Во изминативе неколку дена репрезентативниот фудбал беше во фокусот на светското внимание, па и македонските национални селекции излегоа на мегдан. Сениорите поминаа 10-тина дена во Анталија, каде се подготвуваа, а потоа одиграа два контролни дуели и на крајот може да се констатира дека резултатски тоа беа неуспешни.
Македонија прво играше против Молдавија, а на крајот резултатот беше 1:1, иако нашата селекција беше во улога на фаворит. Потоа следуваше пресметка со Црна Гора. Според Трансфермаркт, Црна Гора е една од двете балкански селекции на кои вредноста се проценува помала од таа на македонската репрезентација.
Сепак, на теренот Црногорците испаднаа поуспешни и славеа со 1:0. Селекторот Благоја Милевски изјави дека е задоволен од покажаното на теренот, иако резултатите не се баш за фалење.
Освен сениорите, два меча одигра и националниот тим за играчи до 21 година. Тоа беа пресметки во квалификациите за Европското првенство. Прв ривал беше аутсајдерот Гибралтар против кого се мачевме и на крајот победивме со 1:0 благодарение на гол постигнат од корнер, без креирање на вистинска акција.
Потоа во Скопје гостуваше Шведска. Тоа беше меч на кои нашите надежи требаше да покажат дека имаат сили да се борат во овие квалификации, но на теренот не беше така. Шведска славеше со 2:0 и може да се каже дека за Македонија завршија овие квалификации за пласман на континенталниот собир.
Скопје беше домаќин и на турнирот во елитните квалификации за ЕП на играчи до 19 години. Македонија беше во група со Украина, Швајцарија и Летонија, а на крајот завршивме како последни. Порази од 2:0 претрпеа надежите до 19 години од Украина и Швајцарија, а во последното трето коло губевме и од Летонија, но Македонија конечно постигна и еден гол за на крајот да биде нерешено, што беше недоволно да се избегне последното место на турнирот.
И на крајот, кога ќе се соберат сите официјални дуели кои македонските фудбалски селекции ги одиграа во овие неколку дена, билансот е една победа, две нерешени и четири порази, а вкупната гол разлика на сите три национални селекции во тие седум средби е само три дадени гола и девет примени погодоци.