Претседателот на Бразилската фудбалска федерација, Едналдо Родригес, беше многу лут поради двата досудени пенали во корист на Шпанија на синоќешниот контролен меч против Бразил и најави дека Кариоките веќе нема да играат ни пријателски меч ако не се користи ВАР-технологија.
Бразилците сметаат дека да имало ВАР и судиите детално да ги прегледувале ситуациите, ќе немало пенали за Шпанија.
„Ќе ја информираме ФИФА дека не само на официјалните натпревари на бразилскиот тим, туку и на пријателските да има обврска за користење на ВАР-технологија. Фудбалот во Европа е многу напреден и на важни мечеви треба да има ВАР. Ние во Бразил користиме ВАР во серија А, Б, Ц, Д во женска категорија, кај младите, ние сме земјата која најмногу користи ВАР во светот“, рече Родригес.