Португалската фудбалска мега ѕвезда, Кристијано Роналдо, е на добар пат да стане првиот фудбалер во историјата кој бил најдобар стрелец во четири различни лиги низ светот.
Досега ниту еден играч не направил ваков подвиг, а само чудо може да го спречи Роналдо. Кристијано кој е најдобар стрелец во историјата на фудбалот со 882 гола на официјални мечеви, води на листата на стрелци во саудиската лига, а неговиот најголем конкурент Александар Митровиќ (Србинот има четири голови помалку од Роналдо) е повреден, и не може да го загрози.
Португалецот е единствениот играч во историјата кој бил најдобар стрелец во три од петте најсилни европски лиги (шпанската, англиската и италијанската).
Интересно е дека годинава уште еден друг голгетер може да го повтори подвигот на Роналдо и да стане прв стрелец во четврта различна лига. Тоа е Уругваецот Луис Суарез, кој бил прв стрелец во холандската, шпанската и англиската лига. Сега Суарез е во американската МЛС лига и има шанси да биде топ стрелец, засега е на пет гола на седум меча.
Први стрелци во три различни лиги биле и други познати напаѓачи како Роберт Левандовски (Шпанија, Германија и Полска), Ромарио (Шпанија, Холандија и Бразил), Марсио Аморосо (Бразил, Германија и Италија), Руд ван Нистелрој (Холандија, Англија и Шпанија), Алфредо Ди Стефано (Шпанија, Аргентина и Колумбија), итн.
Има и фудбалери кои биле најдобри во три „егзотични“ лиги, како на пример Рој Кришна кој бил најдобар стрелец во Нов Зеланд, Австралија и Индија, или Дејан Дамјановиќ кој беше најдобар стрелец во првенствата на Србија, Јужна Кореја и Хонг Конг.