Судиската комисија во својата анализа ја призна грешката на судиите на натпреварот помеѓу Воска и Работнички, кога на гостите од Скопје не им беше признат погодок, иако топката со целиот свој обем ја имаше поминато гол-линијата. Сепак, ваквата анализа на комисијата нема да го промени конечниот резултат од натпреварот, кој заврши 1-1, а голот можеше да донесе победа на гостите и различна бодовна ситуација на табелата во борбата за опстанок.
„Во 72-рата минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (Несигнализирано за гол за гостинската екипа, топката со целиот свој обем ја помина гол-линијата, при резултат 1:1)
Играч на гостинската екипа центрираше топка во 16-никот на домашната екипа, топката дојде до негов соиграч, кој со глава ја удри топката, која се одби во гредата и со целиот свој обем падна зад гол-линијата и се одби во поле.
Погрешна одлука на првиот помошен судија што дозволи играта да продолжи бидејки топката со целиот свој обем се одби зад гол-линијата на домашниот гол, голот требаше да биде признаен.
Во оваа ситуација првиот помошен судија не беше добро поставен, односно не беше на самата корнер-линија, каде што би имал подобра прегледност“, се вели во анализата на Судиската комисија при ФФМ.
Минатиот викенд судиите направиле само уште две грешки и тоа на штета на Брегалница и Тетекс. Штипјани се оштетени за еден офсајд, кога е спречена нивна ветувачка акција, која по сигнализацијата завршува со гол, додека Тетекс е оштетен за недосуден пенал на второлигашкиот натпревар против Караорман, при резултат 0-3 за тетовци.