Денеска од 15 часот ќе се одиграат три натпревари од 27-то коло во Првата македонска фудбалска лига, а во фокусот ќе биде дуелот кој ќе се игра на стадионот „Чаир“ меѓу Шкупи и Македонија ЃП.
Двете екипи дуелот го дочекуваат во спротивно расположение, Шкупи е втор на табелата со три бода помалку од лидерот Струга ТЛ, додека Лавовите се претпоследни со 25 бода, колку што има и последната Брегалница.
Македонија ЃП се наоѓа во добар ритам и на последните три меча има две победи (1:0 против Тиквеш и 4:1 против Гостивар) и едно реми (1:1 против Шкендија) и дуелот со поранешниот шампион ќе претставува вистински предизвик за Лавовите.
Шкупи пак минатата недела го доживеа првиот пораз во 2024 година во Првата македонска фудбалска лига и тоа во Штип од Брегалница (0:1).
Сезонава овие два тима веќе двапати играа меѓу себе и подобар скор има Шкупи (1:0 и 0:0). Интересно е што на дуелите меѓу Шкупи и Македонија ЃП нема многу голови, на последните 13 дуели немало повеќе од три гола, а последен пат ефикасен меч одиграле во 2020 година (3:1 за Шкупи).
Интересено се очекува да биде и на дуелот меѓу Гостивар и Тиквеш кој претставува пресметка меѓу шестиот и петтиот тим на табелата. Гостивар има четири ремија на последните пет натпревари, додека Тиквеш нема пораз на последните четири дуели. Интересно е што на дури три меча, Гостивар ремизирал играјќи без голови. Гостивар на последните осум меча дури шестпати одиграл без победник.
Според квотите Гостивар ја има фаворитската улога (1.74), но одличен е коефициентот овој дуел да заврши без победник (3.15).
Во третиот дуел од Првата македонска фудбалска лига ќе се сретнат Брера и Воска спорт.