Градскиот двобој на Торино и Јувентус секогаш привлекува големо внимание во Италија, но фудбалските вљубеници вечерва останаа разочарани. „Дерби дела Моле“ првпат после 2008-мата година заврши без голови, 0-0, но и ја продолжи низата без победа на екипата на Торино против градскиот ривал, кого го нема победено уште од 2015-тата година.
Со денешното реми заврши и серијата на Јувентус од три победи во меѓусебните дуели. Торино останува на деветтата позиција и веќе заостанува во борбата за излез во фудбалска Европа, додека Јувентус веќе одамна не е во трка по титулата и останува на третата позиција со 19 поени помалку од лидерот Интер.