Челниците на Баерн Минхен веројатно ќе доживеат уште еден голем удар во потрагата по тренер за следната сезона бидејќи Зинедин Зидан гледа кон Премиер лигата.
Вчера, првата желба на управата на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, го продолжи договорот со Фудбалската федерација на Германија и ќе ги води Панцирите до 2026 година, а неколку часа подоцна, каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ објави дека Зидан и германскиот тим се наоѓаат пред договор.
Но, германскиот новинар Флоријан Плетенберг ја демантираше веста за договор меѓу Зидан и Баерн, а денеска поранешниот француски фудбалер, Емануел Пети, откри дека Зидан почнал да учи англиски јазик бидејќи сака да работи во Премиер лигата.
„Последните неколку месеци, Зидан одеше на часови по англиски јазик. Не знам дали ќе дојде во Англија и ќе води некој од гигантите, но за првпат му се отвора вратата од Премиер лигата“, вели Пети.
Англиските медиуми шпекулираат дека Зидан со големо внимание ја следи ситуацијата во Манчестер јунајтед и наводно е подготвен да го наследи Ерик тен Хаг.
Зинедин Зидан во својата тренерска кариера работеше само во Реал Мадрид, прво го водеше вториот тим, а потоа со првиот тим на Кралевите дури трипати триумфира во Лигата на шампионите.