Разочарани од одлуките на судијата Павле Илиќ вечерва во 173-тото вечно белградско дерби, раководството на Партизан сериозно размислува дали да ги испрати своите играчи на теренот на стадионот „Рајко Митиќ“ в среда во полуфиналето од Купот на Србија.
Во писмото испратено до медиумите, во Партизан „грмат“ по судијата Илиќ.
„Срамниот судија Павле Илиќ вторпат по ред го украде фудбалскиот клуб Партизан, на свој уникатен, перфиден и пагански начин, и го уништи 173-тото вечно дерби. Човек кој очигледно нема срам и елементарно знаење од судењето се обиде да ги масакрира нашиот клуб и играчите, кои машки се бореа против своите ривали, но и главниот судија, како 12-ти играч на другата страна.
Ова е уште еден натпревар во кој истиот судија ни оневозможи да победиме во меч во кој во најголем дел бевме подобар тим и имавме водство. Поради оваа причина, ФК Партизан во наредните денови ќе одлучи дали воопшто ќе го игра Куп натпреварот со Црвена звезда, бидејќи не сакаме повторно да бидеме потценети од некој судиски дилетант како Павле Илиќ или други како него, кои се праќаат на задача од Судиската организација и одлучуваат за конечниот резултат“, се наведува во соопштението.
Во Партизан се особено лути поради ситуациите во финишот, за несудениот можен фаул на Ндиаје пред вториот гол на Ѕвезда, и за фаулот за пенал во 99-та минута кој според Црно-белите бил направен надвор од шеснаесетникот.