Новак Ѓоковиќ откако официјално објави дека втора година по ред ќе го пропушти Мастерсот во Мадрид, на социјалните мрежи се пофали дека има нов миленик, куче, со кое си игра во Космај (место на 50-тина километри од Белград) каде има луксузна куќа со ранч која ја купи од семејството Кариќ за 2,9 милиони долари, и моментно таму одмора со семејството.
Најдобриот светски тенисер не играше ни лани, па нема да загуби поени, и ќе остане убедливо прв на АТП листата и после турнирот.
Јаник Синер за првпат во кариерата ќе биде прв носител на еден турнир од Мастерс 1000 серијата. Италијанецот истотака лани не настапи во Мадрид, па ако успее да го освои турнирот, би додал 1.000 поени на своето конто, и би му се доближил на Новак на 330 поени негатива.
Лани во Мадрид победи Карлос Алкарас, а ако годинава Шпанецот не ја одбрани титулата, ќе загуби поени и може да падне на четврто место на АТП листата.
На Ѓоковиќ, Мастерс турнирот во Рим кој почнува на 8-ми мај, ќе му биде генерална проба пред парискиот гренслем „Ролан Гарос“, каде ќе ја брани титулата.