Еурофарм Пелистер славеше на гостувањето кај Охрид со 29:22 во меч од 10 коло на ракометната Суперлига на Македонија. Со овој триумф Пелистер се врати на врвот на табелата со 29 бодови, два повеќе од најголемиот ривал Вардар. До крајот на првенството остануваат уште четири кола.
Охрид само во првите 15-тина минути парираше на фаворитот, кога домаќините водеа со 8:7. Потоа следуваше серија од 5:0 на гостите и битолчани за прв пат стигнаа до посериозна предност која изнесуваше 12:8.
На полувреме беше 14:11 за Пелистер, а во вториот дел фаворитот продолжи сигурно. Зелено-белите само ја зголемуваа предноста, која во неколку наврати беше и двоцифрена, односно со 10 гола, а на крајот заврши со 29:22.
Во денешната програма од Суперлигата се радуваше и Бутел и тоа на победа од 23:17 против Тинекс Пролет Скопје.