Реал Мадрид против Атлетико во сабота ќе игра со голем хендикеп, Марсело не закрепна навреме и ќе го пропушти градското дерби. Левиот бек се повреди во поразот од Севилја пред два дена, кога во последните десетина минути практично кривеше на тревата, болките не ги издржа, па мораше предвреме да го заврши мечот и да го остави својот тим со играч помалку на теренот, бидејќи Лопетеги претходно ги направи сите три измени.
Бразилецот, очигледно, не закрепна навреме, па дербито ќе го проследи од трибините, додека во составот, односно на десната бековска позиција, ќе се врати Карвахал, а Начо ќе ја покрива левата страна. Од неодамна, во тимот го нема и Иско, кому му беше изврпена операција на слепото црево, по што му следува неодреден период на закрепнување, а Лопетеги ќе има тешка задача да го подготви својот состав за големото дерби, знаејќи дека двајца клучни играчи не му се на располагање.
Враќањето на Марсело во тимот на Реал се очекува на 20 октомври против Леванте, на една недела пред класико против Барселона.
Во средата Реал го претрпе првиот пораз за сезонава во шпанскиот шампионат. Севилја пред преполниот „Санчез Писхуан“ го декласираше Кралскиот клуб со 3-0. Натпреварот Реал Мадрид – Атлетико Мадрид е закажан за утре, со почеток од 20.45 часот.