Бенфика е проколнат клуб кога станува збор за европските натпреварувања, па затоа во Динамо Загреб откако го добија лисабонскиот клуб за противник во осминафиналето од Лигата на Европа, веруваат дека може да приредат изненадување. Навивачите на Динамо се надеваат дека може да им помогне Бела Гутман, човекот кој во 1962 година ја проколкна Бенфика.
Откако лисабонските „орли“ станаа европски шампиони во 1962 година, клубот не сакаше да му даде премија на унгарскиот тренер Гутман, па тој си замина и ги изговори зборовите од кои и денеска, 57 години подоцна, фановите на Бенфика се плашат.
„Нема да освоите европска титула уште 100 години“, им порача Гутман.
Од таа 1962 година наваму, Бенфика играше осум финалиња во европските купови и ги загуби сите осум. Не помогна ниту посетата на легендарниот Еузебио на гробот на Гутман пред финалето од Купот на европските шампиони во 1990 година. Еузебио, кој играше за Гутман, се молеше клетвата да биде тргната, но ништо, Милан ја совлада Бенфика.
Да знаеја што ќе ги снајде, во Бенфика сигурно ќе му го исплатеа бонусот на тренерот кој ги водеше пред 60-тина години.