Стана светски првак во снукер и „летна во облаци“: Се надевам дека сега сум пред Кристијано Роналдо

Кајрен Вилсон синоќа стана светски првак во снукер, откако во финалето славеше против најпријатното изненадување на турнирот Велшанецот Џек Џонс. Вилсон во финалето победи со 18-14 во фрејмови и стигна до најголемиот успех во кариерата.

Ова Светско првенство во снукер ќе се памти по „потопот“ на фаворитите, па во полуфиналето се најдоа само играчи кои воопшто не се во Топ 10 на светската ранглиста.

Вилсон како 12-то рангиран кој влезе во полуфиналето, ја имаше фаворитската улога која на крајот ја искористи.

„Ова го сонувам од мојата шеста година. Токму вака ја замислував победата, да бидам заедно со своето семејство. Многу се разочарав кога загубив во финалето во 2020 година од Рони О’Саливен. Срцето ќе ми беше скршено ако не добиев уште една шанса да играм во финалето. Сега се чувствував многу подобро отколку во финалето пред четири години“, рече Вилсон кој тргна фуриозно и поведе со 7:0, а до крајот рутински ја задржа предноста.

Вилсон сега верува дека може да биде повеќекратен светски првак, а вели дека сака да биде пример и идол на децата.

„Можеби сега со своите резултати и работата, може да бидам мотив за младите генерации и за моите деца. Неодамна моите деца беа запрашани кој им е спортски идол и тие го кажаа Кристијано Роналдо. Сега се надевам дека сум пред Роналдо“вели среќниот Англичанец, кој за триумфот во финалето на СП, Вилсон ќе добие 500.000 фунти.

- Оглас -

Најнови вести