Пелистер го победи Работнички и сега е на чекор од пласман во финалето

Кошаркарите на Пелистер победија со 85:79 во третиот меч од полуфиналната серија во плејофот на кошаркарското првенство на Македонија. Со овој триумф битолчани стигнаа до предност од 2:1 во победи и сега им е потребна уште една победа за да бидат финалисти во борбата за шампионската титула. Следниот меч повторно се игра во Битола, што значи дека Пелистер ќе има меч-топка на свој терен.

Работнички подобро го отвори мечот и поведе со 9:2 и потојано во првата четвртина го контролираа резултатот. На почетокот на втората четвртина, Работнички поведе со највисоки 29:21, што беше знак кошаркарите на Пелистер да се „разбудат“. Со серија од 13:1, битолчани поведоа со 34:30, што беше и нивно најголемо водство во првото полувреме.

Во продолжение од мечот беше јасно дека ќе биде неизвесно. Во третата четвртина екипите се менуваа во водство, а Работнички поведе со 64:59, па потоа Пелистер го имаше најдобриот период, и тоа на крајот од третата и почетокот на четвртата четвртина. Битолчани со низа од 12:0 стигнаа до 71:64, а потоа ја имаа највисоката позитива од осум поени (75:67 во 33-тата минута).

Работнички не се предаде и во последната минута се влезе со резултат 81:79 за Пелистер. Гостите од Скопје имаа напад за израмнување, но Рикиќ ја загуби топката под кошот. Потоа Костовски беше фаулиран на 22 секунди до крајот, кога погоди два „пенали“.

Следуваше нова загубена топка на Работнички и победникот беше познат. Следниот меч повторно се играше во Битола, и тоа во вторник или среда следната недела.

 

- Оглас -

Најнови вести