Покрај фактот дека титулата во Премиер лигата ќе се решава во последното коло, главна фудбалска тема е тоа дали во следната сезона ќе се користи ВАР-системот или ќе има откажување од технологијата. Вулверхемптон беше клубот кој ја постави иницијативата за тоа да се гласа дали ВАР-системот треба да се користи и во иднина во Премиер лигата.
Сите 20 клубови од елитното англиско друштво ќе имаат состанок и ќе гласаат, а за да биде дадено „зелено светло“ за исфрлање на ВАР-технологијата, потребно е „За“ да гласаат 14 клубови.
Ова е малку веројатно бидејќи најголем дел од клубовите се задоволни од ВАР-системот. Ливерпул беше клубот кој беше најочигледно оштетен поради ВАР-грешка, кога на дуелот против Тотенхем им беше поништен чист погодок на Црвените. И во една таква ситуација, од Ливерпул најавиле дека ќе гласаат против предлогот да се укине помошта од технологијата.
Најавите се дека е малку веројатно да се соберат 14 клубови кои би гласале против користење на ВАР-системот, иако Вулверхемптон даде листа од девет точки со кои го поткрепува своето барање за укинување на технологијата.