Манчестер сити денес ја добива првата ѕвезда на дресот, Челзи ја потврдува Европа, Лутон се збогува со Премиер лигата (Фото)

Англиските премиерлигаши денес го играат последното првенствено коло, после кое ќе бидат познати сите непознаници, пред се новиот или старо-новиот шампион. Манчестер сити е во пол-позиција, има два бода предност пред Арсенал и со било каква победа над Вест хем на домашен терен ќе дојде до четвртата титула по ред или вкупно десетта во нивната историја.

„Граѓаните“ првпат станаа шампиони на Англија во 1937-мата година, потоа чекаа 31 година за во 1968-мата повторно да се искачат на тронот, а останатите седум титули се во периодот од 2012-тата до 2023-тата година.

И според квотите Манчестер сити е апсолутен фаворит со квота од 1.10, но не треба да му се одземат шансите на Арсенал, кој на домашен терен игра против Евертон и ќе чека кикс на конкурентот.

Попладнево ќе биде одлучен и последниот учесник во европските купови, но и последната екипа која ќе испадне од Премиер лигата. Со оглед на тоа дека во Англија одлучува гол-разликата, а не меѓусебниот дуел, ситуацијата и тука е лесно предвидлива. Челзи е блиску до пласман во Европа, но со победа и евентуален пораз на Тотенхем, екипата од „Стемфорд бриџ“ може да стигне и до Лигата на Европа. Шанса за Европа чекаат и Њукасл и Манчестер јунајтед, но тешко дека ќе ја видат Европа следната година, но „црвените ѓаволи“ шанса за такво нешто ќе имаат и преку ФА купот, со оглед на тоа дека во финалето играат против Манчестер сити.

Лутон речиси сигурно од следната сезона се враќа во Чемпионшип дивизијата, а тоа нема да се случи само ако има некоја луда завршница и денес да победат со екстремно висок резултат, а таков пораз да доживее и Нотингем, па да ги надополнат 12-те гола разлика, но и трите бода заостанување зад најголемиот конкурент.

- Оглас -

Најнови вести