Хави Мартинес за првпат по јануари 2018 година даде гол, и му донесе вредна победа на Баерн Минхен против незгодната Херта. Со оваа победа, Баерн го стигна лидерот Борусија по бројот на бодови, но тимот од Дортмунд има еден меч помалку.
Нико Ковач по 100-ти пат беше тренер на бундеслигашки меч (23 со Баерн и 77 со Ајнтрахт), а лоша вест му е повредата на Кингсли Коман, кој само десет минути откако влезе во игра, мораше да биде повлечен. За Херта, ова е прв пораз сезонава против некоја од првите три екипи на табелата. Тимот од Берлин, повеќе од 300 минути немаше примено гол од баварците во лигашки мечеви, но Мартинес го прекина тоа позитивно искуство на Херта.
Мајнц во претходните пет меча против Шалке секогаш губеше, и не успеа да даде гол. Малерот беше разбиен денеска и тоа со три погодоци, сосема доволни за победа.
Во еден од петте гола на Фрајбург, асистент беше голманот Александер Шволов. Тој е првиот голман во последните осум години, кој асистирал при гол во Бундеслигата.
Борусија Менхенгладбах беше надиграна и убедливо поразена од Волфсбург, па сега загрозено им е третото место. Односот на шутеви беше 13-5 за домашните, но гостите се покажаа како многу попрецизни.
РЕЗУЛТАТИ: Борусија Менхенгладбах – Волфсбург 0-3, Баерн Минхен – Херта 1-0, Фрајбург – Аугзбург 5-1, Мајнц – Шалке 3-0.