Лионел Меси сезонава има повеќе голови од одиграни натпревари, а со хет-трикот и една асистенција на гостувањето кај Севилја, покажа дека кога тој е во голгетерска форма, сам може да му носи победи на својот тим. Барселона славеше на жешкото гостување кај Севилја со 4-2 и се зацврсти на чело на табелата пред гостувањето кај Реал Мадрид во следното коло.
Меси во кариерата има 50 хет-трика и тоа без да дава голови со глава, од кои 44 во дресот на Барса (44 имаше и Кристијан Роналдо за Реал), а шест за репрезентацијата. Тој против Севилја има 28 гола во кариерата, и тоа е рекорд во шпанскиот клупски фудбал.
На андалузијците не им помогна ниту тоа што водеа со 2-1 на полувреме. Решија да го бранат водството и погрешија.
Севилја не ја победила Барса кога играл Меси, уште од 2007 година. Седум од последните осум гола на Барселона во лигата се дело на Аргентинецот. Гол даде и Луис Суарес, кој немаше погодено од пресметката со Севилја во купот на 30 јануари.