Покетино само по една година си оди од „Стемфорд бриџ“

Маурицио Покетино повеќе не е тренер на Челзи откако двете страни се договорија спогодбено да ја прекинат соработката, соопшти премиерлигашот.

„Во името на сите, сакаме да му се заблагодариме на Маурисио за неговите услуги оваа сезона. Тој секогаш ќе биде добредојден на „Стемфорд бриџ“ и му посакуваме сè најдобро во продолжението на кариерата“, стои во соопштението на Челзи, кое го потпишаа директорите Лоренс Стјуарт и Пол Винстенли.

„Сините“ сезоната ја завршија на шестото место во Премиер лигата иако минатото лето беше вложена голема сума пари за засилувања, а Покетино беше донесен со цел да го врати тимот во битката за трофеите. Челзи најблиску до трофеј беше во Лига купот, каде што загуби од Ливерпул во финалето, додека во ФА купот беше елиминиран во полуфиналето.

Сините во следната сезона ќе играат во квалификациите за пласман во групната фаза во Лигата на конференции.

„Им благодарам на сопствениците на Челзи, како и на директорите за можноста која ми ја дадоа да бидам дел од историјата на клубот кој сега се наоѓа во добра позиција да го продолжи напредокот“, истакна Покетино.

Пред Челзи, Покетино седеше и на клупата на ПСЖ, Тотенхем, Саутхемптон и Еспањол.

- Оглас -

Најнови вести