На големо изненадување на сите, екипата на Челзи му врачи отказ на тренерот, Маурисио Покетино, иако тој со пет победи во серија успеа да се искачи на шестата позиција на табелата и да обезбеди пласман во фудбалска Европа, нешто што изгледаше незамисливо само пред неколку недели.
Британскиот „Телеграф“ ја открива причината за отказот на Аргентинецот, а според нив, до расколот дошло по финалето од Лигата купот против Ливерпул, па отказот уште тогаш му бил подготвен, а сега само врачен.
Сопственикот на Челзи, Тод Бојли, во една прилика го прашал Покетино дали во стручниот штаб му е потребен стручњак за прекини, на што му било одговорено: „Ние сме стручен штаб кој е задолжен за сè. Фудбалот им припаѓа на фудбалерите, а не на експертите“.
Сепак, Челзи финалето од Ливерпул го загуби со гол од корнер, па тука дошло до расправија и до разидување бидејќи Аргентинецот не ја прифатил понудената опција од сопственикот на клубот.